За алкохолот
Освен јас, алкохолот веројатно е една од најдобрите работи кои некогаш се случиле на оваа планета. Алкохол за поголемиот дел од луѓето е крајно разорувачки, а јас не спаѓам во таа група. Целото мое творештво се случи во состојба на пијанство. Со жените отсекогаш сум бил срамежлив во водењето љубов, па алкохолот сексуално ме ослободуваше. Јас во основа сум повлечена личност, а алкохолот ми овозможува да станам херој кој лета низ времето и просторот правејќи ги сите тие смели работи.
За пишувањето
Напишав расказ од гледна точка на силувач кој силува девојче. Луѓето ме обвинија. Имав интервју и новинарот ме праша: "Сакате ли да силувате девојчиња?" Му одговорив: "Се разбира дека не. Јас го фотографирам животот." Имам многу проблеми заради моите гомненици. Од друга страна, проблемите распродадоа некои мои книги. Но кога пишувам, талогот е само за мене. Никогаш не пишувам преку ден. Тоа е како кога човек би трчал гол низ полици во продавница. Само преку ноќ. Тогаш почнува магијата.
За луѓето
Можно е да се сакаат човечките суштества ако не ги знаете премногу добро.
За славата
Славата разорува! Таа е курва, кучка, уништувач... Иако јас имам среќа, затоа што сум славен во Европа, а непознат во Америка. Славата навистина е ужасна.
За цинизмот
Отсекогаш ме обвинувале дека сум циник. Мислам дека цинизмот е кисело грозје. Сметам дека цинизмот е слабост. Цинизмот секогаш порачува дека сè е погрешно. Цинизмот е слабост која го спречува човек да се приспособи на околностите на мигот. Да, дефинитивно тоа е карактерен недостаток, исто како и оптимизмот. Вистината лежи некаде помеѓу. Тоа е тоа. Ако не си во состојба да се соочиш со неа, баш ми е жал!
За гениите
Генијот е во состојба најсложените работи да ги каже на едноставен начин.
За стилот
Јованка Орлеанка имаше стил. Исус имаше стил.
Беше еднаш...
Беше зима. Се обидував да бидам писател во Њујорк. Немав јадено ништо три или четири дена. Мислев дека ќе умрам од глад. На крајот реков: "Одам да купам голема кеса пуканки." Толку долго немав пробано храна што ми се чинеше дека пуканките се нешто највкусно што некогаш сум го пробал. Секоја пуканка беше како месен нарезок. Ги џвакав лакомо, а мојот стомак со секоја голтка кажуваше: "Ти благодарам, благодарам, благодарам!" Ми изгледаше дека сум во рајот. Шетав по улицата и поминав покрај двајца момци. Еден викна: "Боже!" Другиот го праша што се случило.
- Го виде ли типон што јаде пуканки? Боже, баш е грозен!
Пуканките ми преседнаа. Мислев, што му значи тоа дека сум грозен? Па, јас сум на седмо небо. Претпоставувам дека малку бев валкан. Наместо тоа може да кажат дека сум сјебан.
Опасноста од пушење
Сакам да пушам. Пушењето, од една, и алкохолот, од друга страна, го доведуваат човек во рамнотежа. Често ми се случуваше да се пробудам од пијанство, да погледам во своите пожолтени прсти и да си кажам да себеси: "Гомненици, на што ли личат белите дробови?"
Негативни критики
Ми се допаѓа кога ме напаѓаат. Текстовите од типот Буковски е одвратен ме засмејуваат. Кога ќе прочитам дека сум ужасен писател, уште повеќе се смеам. Пријателите ми кажуваат дека за мене учат на тој и тој факултет, а јас се чудам. Не знам... да се биде премногу прифатен е страшно. Во тој случај се чувствувам дека сум направил нешто погрешно.