Sunday, July 31, 2011

Јержи Кукучка



Дојде зима! Онаа вистинската - со снегче :) Додека полека стивнуваат забревтаните вести за искачувањата во постмонсунската сезона, многу ретко се слуша за некои планирани искачувања во Хималаите во зимски услови. Посебно пак за највисоките планини... Да не го должиме многу воведов, во следниов период ќе објавиме по некој текст за силните полски алпинисти кои го редефинираа хималаизмот. Алпинисти - кои покажаа дека може да се качуваат овие планини и во зимски услови, па при тоа „дури“ и во алпинистички стил и/или по нова насока.
Еден од тие алпинисти е и Јержи Јурек Кукучка. Барем од аспект на „сите 14“ меѓу полските алпинисти тој доаѓа прв на список - а втор на оној официјалниот заостанувајќи зад Меснер за само неколку месеци.
Јурек не само што се качи на сите 14 планини повисоки од 8000м – тој тоа го направи во период од осум години! На Меснер му беа потребни 16 години да ја комплетира листата. Затоа Меснер во една прилика кажа: „Кукучка не беше втор. Тој беше Голем!“ 

Нови насоки, во зимски услови, во алпинистички стил

Друг интересен факт е тоа дека Кукучка се искачи на „сите 14“ преку нови насоки и/или во зимски услови. Да бидеме поточни, кога го заврши тој проект тој зад себе имаше девет нови насоки, од кои една соло, пет искачувања беа во алпинистички стил и четири во зимски услови...
После секое искачување тој бараше нов предизвик. Сакаше да се искачи на сите, но сакаше поголем предизвик. Сакаше да ги открива границите, а не да се докажува...
Чо Оју, Шишапангма, Еверест – сите овозможуваат сериозни предизвици за навистина храбрите алпинисти, сé додека пристапот е во стил на Кукучка.

Рударот и светлината

Експедициите на Кукучка имаа и друг предизвик: финансиите. Тој беше роден во Катовице во 1948 година, а неговиот живот на никој начин не беше поврзан со светот на големите височини и фантастичните планини – Јурек беше рудар.
Неговите почетни авантури на некој начин беа поврзани со работата. Неговиот прв контакт со јажиња и карабинери не беше преку качувањето туку преку спелеологијата. Сонот на Јержи за врвот на светот буквално започна во подземјето.

Излегувањето

Во комунистичка Полска, трошењето на големи суми пари за нешто крајно непродуктивно како алпинизмот – беше едноставно апсурдно. Пронаоѓањето на спонзори беше многу тешко. На тоа се надоврзуваше и предизвикот да можеш и воопшто да излезеш од Полска. Добивањето визи беше тешко за луѓето позади „железната завеса“, а посебно за рударите – веројатно подеднакво тешко како и насоките кои беа во план да се качуваат.

Патење и ладнокрвност

На Јержи не му недостасуваше мотивација. Лошата среќа во животот го направи да биде посилен – во умот и телото. Меснер еднаш прокоментира како Кукучка во Хималаите беше „Силниот човек“.
Неговиот партнер, Војтек Куртика за него имаше кажано: „Јурек беше психички силен како носорог. Посилен од било кој друг алпинист кој сум го сретнал. Можеше многу да пати и беше ладнокрвен во опасни ситуации.’

Бавна аклиматизација

Бавно се аклиматизираше, но тоа не го запираше. Компензираше со неверојатната издржливост и не постоеше преголема пречка за него. Всушност – колку потешки беа работите, толку за него тоа беше со поголем предизвик.
Можеше „да лета“ по планините само со својата волја. Во 1970-тите имаше направено силни искачувања во Татрите, Доломитите (зимско искачување на јужната страна на Мармолада) и во масивот на Монт Блан (Дру, Гранд Жораз – во зимски услови)
 
Лотце - пресвртница

Оваа планина беше првата повисока од 8000м за Јержи и почеток на неверојатна кариера. Во моментот кога застана на врвот и погледна надолу кон јужната страна, Лотце стана посебна планина – место на кое треба да се врати. Никој не можеше ниту да замисли дека таа ќе стане и негово вечно почивалиште. 

Јужниот столб на Еверест

Јержи Кукучка, Анджеј Чок, Анджеј Хајнрих и Јануш Скорек се искачија по нормалната насока на Лотце во нормалната (постмонсунска) сезона на 4-ти Октомври 1979 година. Тоа беше сосема логично како за прво такво искуство, но следното требаше да биде нешто поголемо.
И беше: како за почеток беше повисоко. Всушност највисоко. А насоката – таа не постоеше сé додека Јурек и Чок не ја осмислија. На 19-ти Мај 1980 година на Еверест беше искачена нова линија по јужниот столб. Ова беше единствен момент кога Кукучка користеше дополнителен кислород.

Двоен Макалу, два пати на Броад Пик, Гашербрумите во алпинистички стил

Следната година (1981) Кукучка оствари двојна цел на Макалу – најпрво варијанта на Макалу Ла – големото седло помеѓу главниот врв и Макалу 2, а потоа и северозападниот гребен – соло.
Следен беше Броад Пик. Во 1982 година Кукучка се врати во Хималаите со својот партнер Куртика да се искачат по нормална насока на оваа планина. Но чувствувајќи се незадоволни, две години подоцна (1984) двајцата се вратија и искачија нова насока, вклучувајќи ја и пречката на трите врва на Броад Пик.
Во 1983 година повторно заедно со Куртика – се качуваат на Гашербрум 1 и Гашербрум 2 по нови насоки и во алпинистички стил.

Започнуваат студените искачувања

1985-тата година започна спектакуларно за Јурек. Заедно со Чок се качија на Даулагири на 21-ви Јануари. А пред да заврши зимата, заедно со Чок им се приклучија на Бербека, Павликовски и Хајнрих и искачија нова насока по југоисточниот столб на Чо Оју! На врвот беа на 15-ти Февруари и тоа беше прв пат да биде искачена нова насока на планина повисока од 8000м во зимски услови.
Летото истата година заедно со Хајнрих, Лукашевски и младиот мексиканец Карлос Карсолио (кој ќе стане најмладиот кој се качил на „сите 14“) – искачија нова насока на Нанга Парбат – по југоисточниот столб.
Значи во една година – три планини повисоки од 8000м – две во зимски услови и две нови насоки!

Уште една зима

Заедно со Виелицки се искачуваат по нормалната насока на Канченџунга на 11-ти Јануари 1986 година.

К2 – во стил на Кукучка

За да се одржи нивото – следна планина мораше да биде токму К2. Тоа што заедно со Пјотровски го направија беше вистинска лекција по екстремен алпинизам. Насоката која ја поминаа по јужната страна сé уште не е повторена. Нивната насока по која ретко кој се обидува да се искачи е комбинација на континуирана тешка техничка тежина и самоубиствено експонирани детали. На врвот застанаа на 7-ми Јули, но за жал при симнувањето Пјотровски загинува на гребенот Абруци.
Истата година во зимски услови се качува на Манаслу по нова насока. Заедно со Хајзер ја искачуваат северноисточната страна.

Така и во 1986 година искачува три планини повисоки од 8000м – една во зимски услови и две преку импресивни насоки. За помалку од осум години му останаа уште две од највисоките:

Анапурна и Шишапангма

Заедно со Хајзер преку северната страна на Анапурна на врвот застануваат на 3-ти Февруари 1987 година, а преку нова насока истиот тим прави искачување на источниот гребен на Шишапангма застанувајќи на врвот на 18-ти Септември 1987 година. 

Ho има уште

Јурек имаше недовршени работи во највисоките планини. Во 1988 година со Хајзер се искачија по источната страна на Анапурна Исток иако првичен план им бил јужната страна на Анапурна.
Во 1989 година конечно му се остварува сонот да влезе во до тогаш неискачената јужна страна на Лотце. На планината на која за него сé започна во светот на највисоките планини – загинува на висина од 8350м...
Не смееме да го заборавиме!